Скопје/Охрид, 16. ноември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Нема да има застој, во текот на зимските месеци во изградбата на патиштата кои се градат во земјава, најави директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Коце Трајановски.
– Градежните компании кои работат на неколку патни правци во земјава имаат набавено специјални адитиви. Во зимски услови ќе се асфалтира на делница од Страцин кон Длабочица и на делницата Кичево-Охрид. На делницата кон Охрид набавен е адитивот од страна на тројцата градежни изведувачи и ќе почнат со асфалтирањето, со цел овој автопат од Кичево до Охрид, барем во едниот правец да биде пуштен во употреба пред летната туристичка сезона. Трајановски истакна дека ваквите адитиви масовно се употребуваат во западно-европските земји, пред се’ во Германија, Норвешка и Шведска. Со ова компаниите немаат застој во градежните работи од ноември до март, туку ќе можат да работат и во текот на зимските месеци, односно во деновите кога нема дожд или снег, истакна Трајановски.
Тој додаде дека активно се работи на автопиштата кои ги работи „Бехтел и Енка“, се работи на новата делница од Кичево кон Гостивар, односно до Букојчани, а до селото Црвец направен е проектот и се прави евалуација на предквалификација. Истовремено се проектира и патот од Црвец до Букојчани, а ова проектирање треба да заврши во февруари 2025 година.
– Почнуваме со проектирање од Требеништа до албанска граница. Таму се предвидува наместо да одиме на „Ќафасан“, да се направи тунел од наша страна и од албанската страна, веќе има прелиминарни договори со албанската Влада по пола да се финансира тој тунел. Така да ќе биде многу полесно, побезбедно, побрзо движењето меѓу Република Македонија и Албанија, изјави Трајановски. (Крај)
извор: lokalno.mk фото: архива