News from Ohrid, Vesti od Ohrid, Ohrid news. Вести од Охрид, Новости Охрид, Информации од Охрид 24 часа - Брзо, точно, проверено...
ноември 17, 2024

Охрид, 17. ноември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Во Facebook групата Lexicon of foreign painters in Macedonia 1850-1950 објавен е интересен напис заедно со спектакуларна колекција од над 150 оригинални фотографии се гледаат германските војници на нивните воени позиции, меѓу кои и кај охридското село Пештани, рововите на Галичица, но и оклопните моторни бродови на Охридското и Преспанското Езеро.

Написот и фотографиите од нашиот регион ви ги пренесуваме во целост.

Во неделите после денот „Д“, инвазијата на Нормандија на 6-ти јуни 1944 година, германската армија била во целосна паника. Од американските трупи кои ги преживеале смртоносните Нормандиски плажи се формирала 3-тата американска армија предводена од Генералот Патон која ги потиснувала Германците чекор кон чекор.

Планот бил да се опколат Германците и да се притиснат во стапица во тесно место. Тоа место било „Џебот на Фалез“, источно од градот Каен и таа битка се случила на 21 Август 1944 година. Во таа позната „Битка на Џебот на Фалез“ во стапица биле фатени околу 50.000 германски војници, од кои жива глава извлекле помалку од 20.000 од нив.

„Бојното поле во Фалез беше несомнено едно од најголемите „полиња за убивање“. Четириесет и осум часа по затворањето на јазот, пешки ме однесоа низ него за да наидам на сцени кои можеше да ги опише само Данте. Буквално не беше возможно да се пешачи ни еден чекор, не газејќи ништо друго освен мртво и распадливо месо“ изјавува американскиот генерал Монтгомери после битката.

Еден од заробените Германци е Генерал-полковникот Курт Бадински (Curt Badinski 1890-1966). Бил еден од најдобрите генерали на Хитлер, еден од мозоците на успешната инвазија врз Франција во 1941 година (за кој Хитлер го наградува со Орден на Витез со железен крст) и неуспешната инвазија врз Русија во 1942 година (за кој повторно од Хитлер добил Орден на Источниот Фронт). Генерал Бадински е пратен од Хитлер да го брани Атлантикот од очекуваната инвазија на сојузниците. По денот „Д“, Генeрал Бадински го советува Хитлер да се повлечат од Франција и да организираат покомпатна одбрана подлабоко на исток. Но Хитлер не сакал да слушне за повлекување. Спротивно, му наредил да напаѓа, а со тоа и го втурнал во оваа стапица во „Џебот на Фалез“.

За Македонија, интересна е неговата служба во германската армија во Првата светска војна кога бил Мајор во 9-тата „Jäger“ (Ловечка) бригада каде што бил офицер во митролескиот дел (Maschinengewehr-Offizier beim Stabe) на 302-рата пешадиска дивизија . Во Македонија пристигнува на 15-ти Јануари 1917 година. Со германската армија патува низ Прилеп, Битола, Пелистер, Ресен и Охрид. Токму тука во Македонија, Курт Бадински се истакнува со неговите офицерски способности за кој добива голем број медали (Бугарски орден на храброст, Турски Воен Орден, Германски железен крст, орден за ранетост, Австро-унгарски орден за заслуги. Итн…)

Патувајќи со војската низ Македонија, Курт Бадински направил голем број на фотографии кои ги ставил во свој албум, а кои по војната ги публицирал во книгата „Спомени на 9-тиот Јегер Батаљон 1914-1918“ („Erinnerungsblätter des Jäger-Feld-Bataillons Nr. 9. Weltkrieg 1914-1918“).

Минатата недела од германската аукционерска куќа Jeschke Berlin имав среќа да го купам овој албум со оригинални фотографии од Македонскиот Фронт во периодот 1917/18 година. Некако ја преживеал Втората светска војна, Ладната Војна, Падот на Берлинскиот Ѕид и еве, конечно ќе сѝ дојде назад во Македонија.

Во оваа спектакуларна колекција од над 150 оригинални фотографии се гледаат германските војници на нивните воени позиции. Фото албумот може да се искористи кај нас во Македонија да се трасираат старите ровови каде што секое лето за време на пожарите бувтаат не-експлодирани бомби. На пример добро се гледаат позициите кај село Гопеш (Битолско), Пештани (Охрид), Лавци (Прилеп), Јанковец (Ресен) итн… Ако се погледни околината, можеби ќе се идентификуваат овие места каде што се’ уште има бомби?

Интересни се фотографиите на кои што се гледа дека на Охридското и Преспанското Езеро имало оклопни моторни бродови. Дали некој знае дало овие бродови се се’ уште во Македонија?

Следете #artlexicon

извор: Lexicon of foreign painters in Macedonia 1850-1950 фото: Lexicon of foreign painters in Macedonia 1850-1950

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука