Охрид, 17. ноември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Православните христијани го прославуваат денешниот ден во чест на Преподобен Јоаникиј Велики.
Ова големо духовно светило се роди во селото Марикати, во областа Витиниска, од татко Миритрикиј и мајка Анастасија. Како момче беше овчар. Пасејќи ги овците често се повлекуваше во самотија и по цел ден стоеше на молитва, оградувајќи го своето стадо со знакот на крстот за да не се оддалечува и разотидува. Потоа, го зедоа во војска каде што покажа чудесна храброст, особено во војните против Бугарите.
По војничката служба, Јоаникиј се повлече во Олимп Азиски каде што се замонаши и сиот се предаде на подвиг, од којшто не отстапи до длабока старост, до својата смрт. Се подвизуваше над педесет години, и тоа на разни места. Имаше од Бога изобилен дар на чудотворство: лечеше секакви маки и болести, изгонуваше демони, скротуваше ѕверови, особено имаше власт над змиите, преминуваше преку вода како по суво, беше невидлив за луѓето кога ќе посакаше, пророкуваше идни настани.
Се одликуваше со преголемо смирение и многу кротост. По надворешниот изглед беше како џин, крупен и силен. Живо учествуваше во судбината на Црквата Божја. Во времето на иконоборството и самиот најпрво се опрелести, но си дојде на себе и стана ревносен поборник на иконопочитувањето. Му беше голем пријател на Методиј, патријархот Цариградски.
Свети Јоаникиј поживеа деведесет и четири години и се упокои мирно во Господа, во 846 година. И после смртта остана чудотворец.
Тропар
Јоаникие, оче наш преподобен, Тебе на кого надеж ти е Отецот, прибежиште Синот, а покров Духот Свети, моли се о, ти кој велик си пред Господа, за оние кои го празнуваат твојот свет спомен и на Бога – Пресвета Троица слава воздаваат во сите векови. (Крај)
извор: mpc.org.mk фото: архива