Охрид, 20. ноември 2024 (ОХРИДПРЕС) – По повод празникот посветен на „Собор на Свети архангел Михаил“, во храмот „Свети Козма и Дамјан“ денеска ќе се служи Празнична Вечерна Богослужба која ќе започне во 16:00 часот.
– Утре, четврток, 21-ви ноември 2024 година ќе се служи утрена Богослужба и Света Божествена Литургија со почеток во 07:30 часот, информираат од Првата охридска парохија – Варош.
Православните верници утре ќе го одбележат Свети Архангел Михаил, куќна слава на многу семејства. Со овој празник се смета дека започнуваат зимските празници во годината.
Од длабоката древност Божјите ангели се празнувани од луѓето. Но тоа празнување често се одметнуваше во обожување на ангелите (4 Царства 23, 5). Еретиците прикажуваа сешто за ангелите. Некои од луѓето во ангелите гледаа богови, други иако не ги сметаа за богови ги нарекуваа создатели на сиот видлив свет. Лаодикискиот помесен собор којшто се одржа четири или пет години пред I Вселенски Собор, со своето 35 правило го отфрли поклонувањето на ангелите како на богови и го востанови правилното почитување на ангелите. Во времето на папата Силвестер и александрискиот патријарх Александар (4 век), беше востановен овој празник на Архистратигот Михаил со другите небесни Сили, во месецот ноември. Зошто токму во ноември? Зашто после март ноември претставува деветти месец. А се смета дека во месецот март било создавањето на светот. А деветтиот месец после март е земен заради деветте ангелски чинови, коишто се најпрво создадени. Св. Дионисиј Ареопагит, ученик на Св. апостол Павле, т.е. на оној апостол којшто беше воздигнат до третото небо, овие девет ангелски чинови ги опиша во книгата „За небесната Јерархија“. Тие чинови се следните: шестокрилите Серафими, многуоките Херувими и богоносните Престоли, Господствата, Силите и Властите, Началата, Архангелите и Ангелите. Војвода на целата ангелска војска е архистратигот Михаил. (Крај)
извор: mpc.org.mk фото: архива