Скопје/Струга, 20. ноември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Без решен работен статус беа дел од тимот археолози што работеа на ископувањата во архајската некропола Корошишта во Струшко, каде што открија значајни златни, сребрени и бронзени предмети, слични на гробовите со златни маски од Требенишкатата некропола.
Некои од нив беа ангажирани со договор на дело, додека други воопшто не се вработени во ниту една институција од културата.
– Овие состојби можат да се надминат само системски, т.е. со нивно вработување во институциите, од кои секојдневно слушаме како се жалат дека немаат стручен кадар. Овие луѓе и претходно, а со овој проект уште повеќе докажаа дека се врвни професионалци на кои местото им е во институциите од културата, рече м-р Перо Арџанлиев, археолог, кустос советник за хеленистички период при НУ Археолошки музеј на Република Македонија-Скопје и раководител на истражувањата во Струшко.
Тимот, кој посветено, макотрпно, со многу вложен труд и знаење придонесе за епохалното откритие во архајската некропола Корошишта на локалитетот Расница во Струшко, се состоеше од 15 археолози, конзерватори и други заштитари. На третина од нив, односно шестмина археолози не им беше решен работниот статус. Меѓу невработените што ги вложија своите знаења и посветеноста во работата беа археолозите Илија Бошковски, Миле Иловски, Благоја Китановски и Валентина Тодоровска, подводен археолог. Фане Каневче-Иловска, археолог нумизматичар и Иван Малезан, археолог, беа ангажирани со договор на дело во НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј – Охрид.
– Со ваквите состојби, за жал, археологијата не е примамлива за младите, но затоа, пак, со едни вакви откритија се надевам дека ќе помогнеме да се надминат овие состојби, но и да знаат младите луѓе дека со многу труд и посветеност, соништата можат да станат реалност – вели Арџанлиев.
Комплетната информација на порталот fakulteti.mk ОВДЕ. (Крај)
извор: fakulteti.mk фото: fakulteti.mk