News from Ohrid, Vesti od Ohrid, Ohrid news. Вести од Охрид, Новости Охрид, Информации од Охрид 24 часа - Брзо, точно, проверено...
ноември 21, 2024

Охрид, 21. ноември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Македонските верници денес го одбележуваат денот посветен на Свети Архангел Михаил, празник со кој се смета дека започнуваат зимските празници.

Во народното верување архангел Михаил е претставен како со меч им ги зема душите на луѓето, поради што во некои места (Радовиш) е наречен „Арангел душевадник“.

Кузман Шапкарев забележал дека на Архангеловден во Охрид ги колеле свињите специјално ранети за таа зима од кои правеле пастрма, сланина и колбаси и на нивните слезинки гледале и претскажувале каква ќе биде зимата.

Во Радовишко било обичај на Аранѓеловден да се оди на гости во с. Ињево каде што три фамилии колеле заеднички курбан. Се раскажува дека им се јавувал на сон некој глас и им велел да заколат курбан и тие тоа го правеле секоја година на овој ден приредувајќи гозби за гостите.

Во Гевгелиско „Свети Ранѓила“ го замислувале со терезија во едната и сабја во другата рака со која на луѓето им ги вадел душите. Според преданието од овој крај тој стоел на рајските врати и на терезијата од едната страна ги ставал добрите дела на човекот, од другата гревовите и во зависност од тоа што ќе претежнело луѓето ги праќал во рајот или во пеколот.

Марко Цепенков на едно место запишал дека „кога ќе умирал чоек, ангелот му се јавуал откај глаата, а смртта откај нозете. (На праведниот му се јавуал ангело и смртта многу весели, а на грешнио-многу смуртени и страшни.) (…) Ангело бил со ножо в раце и со терезија, а смртта со една торба алати, како од некој мајстор, турли-турли алати имала: тесла, тесличе, пиличка, пила, секира, глето, копан и друзи многу“.

Марко Цепенков забележал дека и кога се венчавале луѓето ангелот Божји стоел до нив. „За прва венчанија на зет и невеста, кога се венчаваат, му идел ангел Божи од небото и стојал над младоженците на рамената, та му држел венците и штом да се довенчаат, ќе летнел ангелот на часот и ќе појдел кај Бога, та ќе му кажел. Второ венчање пак ангелот идел, ама назад од младоженците стојал и по една недела ќе одел кај Бога за да му кажит. А пак во треќата венчанија ангелот многу скраја стојал и ич не одел кај Бога за да му кажи за да се радуат ангелите“. (Крај)

извор: Марко Китевски фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука