Битола, 21. ноември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Претседателите на синдикатите на државните универзитети „Св. Кирил и Методиј“- Скопје, „Св. Климент Охридски“- Битола, „Гоце Делчев“- Штип, „Мајка Тереза“- Скопје, „Св.Апостол Павле“- Охрид и Универзитетот во Тетово, потпишаа иницијатива за формирање Унија на синдикати во високото образование.
– Синдикатите се задоволни од досегашните успешни синдикални активности, посебно во делот на законското решение и зголемување на платите на наставниот и ненаставниот кадар, и сметаат дека со формирање на Унијата ќе бидат уште поефикасни“, изјави за МИА, универзитетскиот професор Саша Дукоски, претседател на синдикалната организација при УКЛО-Битола.
Иницијативата е успешна, документацијата е комплетирана, претстои регистрирање на Унијата на синдикати во високото образование, а потоа и промоција која најверојатно ќе се одржи во Охрид, најави Дукоски.
– Синдикатите на државните универзитети остануваат посветени на парадигмата дека нема прогрес без достоинствена плата и работни услови, ниту автономија и слобода на мислата и говорот во академијата без достоинствен живот, што е силен мотив за синдикалните напори на универзитетите во државата. УКЛО преку својот синдикат, овие постулати силно и активно ги поддржува“, посочи универзитетскиот професор Дукоски. (Крај)
извор: МКД фото: архива