Белград/Охрид, 22. ноември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Од денеска до недела, 24-ти ноември во Белград ќе се одржи Третиот меѓународен саем за вино, храна, ракија и туризам „Винска визија на Отворениот Балкан“, со 650 изложувачи од 38 земји, јави дописникот на МИА од Белград.
За време на „Винската визија на Отворениот Балкан“, Белградскиот саем ќе собере повеќе од 650 изложувачи од бројни винарии, дестилерии и гастрономски компании од 38 земји, меѓу кои: САД, Франција, Австралија, Холандија, Јужна Африка, Либан, Мексико, Португалија, Швајцарија, Тунис, Уганда, Обединетото Кралство и други земји. На овој начин Белград ќе биде во фокусот на европската и светската јавност како главен град на виното и гастрономијата.
Еден од најатрактивните сегменти на саемот ќе биде доделувањето на „Винскиот трофеј на Отворен Балкан“, што ќе се одржи на 23-ти ноември. Тогаш ќе бидат прогласени најдобрите вина на фестивалот, а жирито составено од 26 меѓународни вински експерти, меѓу кои и шестмина носители на титулата „Мастер на виното“, ќе оцени речиси 1.000 примероци вино.
Ќе се оценуваат вината од Србија, Република Македонија, Албанија и други балкански земји, а најдобрите примероци ќе бидат наградени со златни, сребрени и бронзени медали. Исто така, за вината на членовите на Иницијативата Отворен Балкан ќе бидат доделени национални трофеи. Покрај тоа, посетителите ќе можат да уживаат и во Гастро театарот – презентација на најдобрите ресторани и хотели од Србија, Република Македонија и Албанија, каде што ќе се подготви комплет мени од три јадења во комбинација со вина избрани од најдобрите сомелиери од Србија.
Гости на Белград ќе бидат и лидерите на кулинарската и прехранбената индустрија: британскиот готвач и амбасадор на британската кујна Алан Коксон, главниот готвач и сомелиер Драган Униќ, вториот потпретседател на Светската асоцијација на мајстори на готвачи Даниел Ајтон, познатиот италијански готвач Џанлука Томази, како и директорот на Кулинарската олимпијада Даниел Шаде.
Централното место на Белградскиот саем ќе го заземе заедничкиот штанд на трите национални туристички организации на земјите од Отворениот Балкан, каде заеднички ќе ја презентираат туристичката понуда и културното наследство на сите три земји. (Крај)
извор: МИА фото: архива