Охрид, 24. ноември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Повеќе од 300 машини и преку 600 работници секојдневно работат на автопатот Кичево-Охрид, до летото ќе се возат околу 40 километри од Врбјани до Охрид, порача заменик претседателот на Владата на Република Македонија и министер за транспорт Александар Николоски, кој заедно со директорот на ЈП за државни патишта Коце Трајановски денеска изврши увид во изградба на автопатот Охрид-Кичево.
– За прв пат промовираме зимско асфалтирање на минусни температури и токму на автопатот Кичево-Охрид. Направивме огромна мобилизација со преку 300 машини и преку 600 работници кои секојдневно работат на трасата, порача Николоски.
Тој додаде дека до крај на 2026 година ќе биде изграден целиот автопат и дека ова е резултат на промената на Законот за изградба на автопатот Кичево-Охрид, се’ со цел да се надминат проблемите со техничките услови со асфалтирањето и да се забрза неговата изградба.
– Ги решаваме проблемите со автопататот и веќе ги забележуваме резултатите. Правиме историска работа за Охрид и за цел регион. Денеска промовираме асфалтирање во зимски услови и на минусни температури се со цел да ја забрзаме изградбата и да ги достигнеме роковите што си ги зададовме. Тоа е до почетокот на летната сеозна да пуштиме за сообраќај околу 40 километри од Врбјани до Охрид со еден мал прекин кај Ботун, а до крај на 2026 година да го изградиме целиот автопат. Исто така во преткфалификација е избор на изведувач за автопатот Кичево-Букојчани и очекувам дека на пролет ќе имаме избрано изведувач. Потоа тој автопат ќе се надоврзе на автопатот кој интензивно започна да се гради, а тоа е од Гостивар до Букојчани и понатаму од Гостивар до Тетово, така да граѓаните од Охрид и регионот ќе добијат нов модерен автопат од Охрид до Скопје. Исто така по целата траса ќе има и алтернативен пат, изјави Николоски, кој најави дека ќе започне и реконструкција на превојот „Пресека“.
Директорот на ЈП за државни патишта Коце Трајановски истакна дека интезивно се работи на санација на косините и на завршување на експропријацијата.
– Работиме со силен интензитет да ги санираме косините што се појавени на потегот од Кичево до Врбјани бидејќи со текот на времето тие биле подложни на многу природни услови. Исто така работиме и на завршување на експропријацијата. Со измени на Законот ја сменивме формулата за асфалтирање и со тоа овозможуваме зимско асфалтирање, нешто што не се правело изминативе педесетина години. Наследивме огромни проблеми, но макотрпно работиме да ги решаваме ден по еден и очекувам дека до крај на 2026 година ќе го завршиме овој автопат, изјави Трајановски. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива