Охрид, 24. ноември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Младиот и супер талентиран музичар од Охрид, 23-годишниот Христијан Настески- Пајак, заедно со Елвир Мекиќ ја објави новата песна „Накаде после два“.
Елвир беше еден од најпопуларните пејачи кај не потсетува на едно убаво време пред 17 години, времето на најголемата експанзија на македонската поп- музика. И новата песна која е со модерен звук го има стариот вајб со примеси на ретро RNB 2000-ти.
– Мислам дека направивме добар спој со кој ќе ја опфатиме постарата публика, а Пајак ја има помладата публика. Логично е оние деца кој имаат 15 години да не ме познаваат, изјави Елвир. Тој живее и работи во Сараево, Босна и Херцеговина, но со Република Македонија, освен блиските и пријателите го поврзуваат и работни ангажмани, па така периодот што претстои планира повторно да се посвети и на музичката кариера.
Музиката е на Пајак, текстот на Елвир, кој после подолго време и’ се врати на музиката, а за аранжманот се погрижи Иван Јованов Iwayo. Интересно е тоа што текстот на песната е напишан од насловите од најголемите хитови на Елвир како: „Некаде после два“, „Армиија“, „Ич не ме боли“, „Слаба точка“ и др.
Охриѓанецот со новиот сингл продолжува со музичките изненадувања и го освојува музичкиот пазар на Балканот, но и многу пошироко. На 30-ти ноември, заедно со Лара настапува во Пјаченца, Италија, а неодамна, заедно со Desingerica и Zera, тој го сними синглот „Ccrno“, за кој музиката е дело на Desingerica и Пајак, а текстот и аранжманот се на Desingerica, Пајак и Napoleon.
Минатата година со познатата српска пејачка Теодора Џахверовиќ ја сними „Летња авантура“, а претходно на пазарот во Србија се претстави и со хитот „Мала моја“ со Mc Stojan. Кај нас имаше фантастичен успех со „Хабиби“, во дует со Антониа Гиговска, а заедно со Лара Иванова ја надминаа и фантастичната бројка од над 33 милиони прегледи на одличната песна „Bella“. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива