Охрид, 26. ноември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Овој декември ќе започне есенско-зимската турнеја на Владимир Четкар во САД каде тој ќе се претстави со својата авторска музика во некој од најпрестижните американски музички клубови.
– Четкар наскоро патува за Њујорк каде на 6-ти декември ќе одржи концерт во музичкиот клуб „Chelsea Table and Stage“. На 13-ти декември турнејата продолжува во Детроит во џез клубот „Aretha’s Jazz Cafe at the Music Hall“, а веќе следниот ден, 14-ти декември тој ќе одржи концерт во „BOP STOP“ во Кливленд. Na 27-ми декември Четкар ќе настапи во градот Колумбус во „Natalie’s Grandview“, а на 8-ми декември во Сан Франциско во џез клубот „Black Cat“. Турнејата на Четкар ќе заврши во Чикаго на 10-ти јануари со настап во „Skadarliya“, информираат од неговиот тим.
Македонскиот композитор, аранжер, продуцент, гитарист и вокалист неодамна го издаде својот најнов авторски студиски албум „Let Us Be“ ексклузивно во Јапонија преку познатата Јапонска музичка куќа P-Vine Records и се здоби со извонредни критики и радио поддршка ширум Јапонија. За брзо овој албум ќе се издаде и надвор од Јапонија, насекаде во светот а паралелно со неговото издавањето ќе се издадат и ремикси од авторски композиции на Четкар сработени од светски познати ди-џеј продуценти.
Четкар е единствениот Македонски музички автор и изведувач кој својата музика редовно ја издава и продава во Јапонија и Јужна Кореја преку некој од најголемите тамошни музички куќи. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива