Скопје, 26. ноември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Шеесет и едногодишна жена од Скопје го роди своето прво бебе на Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје и стана највозрасната прворотка во земјава. Мајката и бебето се во стабилна општа состојба а бебето било зачнато со ин-витро постапка.
Директорката на Клиниката за гинекологија и акушерство доктор Ирена Алексиоска Папестиев рече дека ова е доказ дека во светот на медицината повеќе не постојат граници и дека македонската медицина може да се мери со онаа во светот, јави Слободен печат.
– Бебето Петар на свет го донесе највозрасната пациентка во нашата држава. Оваа пациентка е првата што останала со сопствена јајце-клетка, која што била криопрезервирана (замрзната), која што добила ин-витро третман во нашата држава, целата бременост ѝ била следена во нашата држава и раѓањето е завршено на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство. Кај пациентката направивме царски рез во 36-та гестациска недела и таа роди плод, Петар тежок 2 килограми и 350 грама и 48 сантиметри долг, рече директорката на ГАК доктор Алексиоска Папестиев.
Оперативниот тек поминал уредно. Во текот на своето акушерско минато, оваа мајка-херојка имала богато гинеколошко и акушерско минато. Пациентката имала три претходни интервенции од кои две во Белград а една на ГАК. Во текот на бременоста која била контролирана имала висок притисок и шеќерна болест, но се поминало во најдобар ред.
Според Гинисовата книга на рекорди, најстарата прворотка во светот е Марија дел Кармен Бусада Лара од Шпанија (родена во 1940 година) која се породила со царски рез и родила близнаци – на 66 годишна возраст во Барселона Шпанија на 29 декември 2006 година. Таа добила инвитро во Америка, давајќи лажна информација дека има 55 години, откако била одбиена за инвитро во Шпанија. Неофицијално пак, надвор од статистиките на Гинисовата книга на рекорди, 70-годишна жена од Уганда се породила со близнаци, објави Би-Би-Си на крајот од 2023 година. (Крај)
извор: Слободен печат фото: архива