Охрид, 27. ноември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Во сабота, на 30-ти ноември 2024 година, со почеток во 20:00 часот, во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид ќе се одржи културен настан насловен „Лиминални простори-лиминални тела“, кој ги спојува танцот и филмот.
Во организација на Здружението на уметници „Културен центар Медиа Артес“, настанот ќе започне со проекцијата на краткиот експериментален филм „Лима“, кој трае 13 минути.
– Низ танцовиот медиум тој се обидува да им вдахне живот или да им даде поглед од нов ракурс на неколку простори во Охрид, кои припаѓаат на модернистичкото наследство. Режисерот Батухан Ибрахим и кореографката Ивана Балабанова го осмислија и создадоа овој филм кој, играјќи си со спомените, минатото и трансформативната моќ на она што било и може да биде, прикажува една дисторзирана перцепција на просторот, телото и времето. Препуштајќи се на ритамот на овие простори, слушајќи ги нивните приказни и следејќи ја емоцијата, филмот креира еден нов свет во кој носталгијата се претвора во надеж, се вели во најавата на настанот.
Извршен продуцент е Јасмина Билаловиќ, а концептот е на Ивана Балабанова, Батухан Ибрахим, Јасмина Билаловиќ, по оригинална идеја на Балабанова. Режисер е Ибрахим, асистент на режија е Марија Бошковска, а директор на фотографија е Стефан Ѓорѓиевски. Во „Лима“ играат Тереза Лазарев, Стефани Шааршмидт и Софи Ларсон, композицијата е на Алесандро Ола, костимографки се Ивана Балабанова, Снежана Чоловиќ и Маја Ѓуреска, шминкер е Павел Маслов, фотографка е Ања Калин, а видеото е на Мартин Михајлов од „Марсбен продукција“.
По филмската проекција, ќе следи танцовиот перформанс „Лиминално тело-2“, дело на кореографката Балабанова.
– Овој перформанс го истражува концептот на лиминалност како одраз на современото човечко искуство. Вкоренет во танцот, но збогатен со влијанија од музиката и театарот, делото го истражува внатрешниот пејзаж на поединци кои егзистираат во состојба на постојана трансформација, фатени меѓу транзициите и кои се борат да се прилагодат во светот што ги обзема. „Лиминално тело-2“ не е само апстрактен концепт, туку одговор на притисоците на модерниот живот – обид да се ослободиме од културните, социјалните и капиталистичките ограничувања, посочуваат организаторите.
Во „Лиминално тело-2“ играат Тереза Лазарев и Стефани Шааршмит, музиката е на Алесандро Ола, сценографијата на Мартин Манев, костимите на Маја Ѓурчиноска и Антонија Гугинска. Светло-мајстори се Игор Митревски и Борис Вељаноски, а тон-мајстор е Митко Серафимоски.
Вечерта ќе заврши со краток разговор со авторите, кој ќе им овозможи на присутните да ги споделат своите впечатоци и да добијат увид во креативниот процес потребен за создавање на овие дела“, додаваат оттаму.
Влезот за настанот е бесплатен, но потребно е претходно да се резервира место преку испраќање на е-пошта на [email protected] или порака на бројот 070/250 500. (Крај)
извор: Република.мк фото: Ања Калин