News from Ohrid, Vesti od Ohrid, Ohrid news. Вести од Охрид, Новости Охрид, Информации од Охрид 24 часа - Брзо, точно, проверено...
ноември 28, 2024

Охрид, 28. ноември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Дебарско-кичевскиот Митрополит Тимотеј ќе биде погребан денеска, на Плаошкиот манастир во Охрид.

Претходно, заупокоената Света Литургија и Опелото ќе бидат извршени во храмот „Св. Софија“ во Охрид, со почеток во 09:00 часот. На Светата Литургија ќе чиноначалствува Неговото Блаженство Архиепископ Охридски и Македонски г.г. Стефан во сослужение со надлежните епархиски архијереи на МПЦ-ОА, како и со претставници од другите Помесни Православни Цркви.

Погребението ќе биде извршено до јужната апсида на Плаошкиот манастир во Охрид.

Советот на Општина Охрид на вонредна седница која се одржа вчера, едногласно одлучи денешниот ден, 28-ми ноември да биде прогласен за Ден на жалост на територијата на општината поради смртта на Дебарско-кичевскиот Митрополит Тимотеј. Се откажуваат сите културно забавни и спортски настани на територијата на Општина Охрид, а знамињата ќе бидат на половина копје.

Митрополитот Дебарско-кичевски, г. Тимотеј почина во понеделникот, на 73 годишна возраст по кусо боледување. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука