Охрид, 28. ноември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Охриѓани, но и бројните гости кои го посетуваат нашиот град, се’ почесто користат електрични автомобили, кои се исклучително корисни за намалување на загадувањето на животната средина.
Овие возила секако бараат и соодветна инфраструктура, односно полначи, чија застапеност е нужна за овие возила да можат да се движат. ЕВН изготви и мапа со локации на сите места во Република Македонија каде сопствениците на вакви возила можат да ги полнат батериите.
Вакви полначи има во строгиот центар на градот каде се поставени од 2018 година, а деновиве се комплетира инфраструктурата и за системот за полнење во паркот кај „Мазија“, наспроти охридскиот хотел „Гарден“.
Целта е да се стимулираат граѓаните да купуваат електрични возила кои не загадуваат, или загадуваат многу помалку во однос на стандардните возила кои користат мотори со внатрешно согорување. Градските советници во јули годинава расправаа за оваа точка и за поставување на станици за електрично полнење на автомобили.
На ова прашање, во комбинација со решавањето на проблемите со греењето и останатите поголеми загадувачи на воздухот, мора да им се пристапи со голема сериозност и да им се даде приоритет. Ова особено ако се погледнат податоците од извршените континуирани мерења на квалитетот на амбиентниот воздух од Државниот Автоматски Мониторинг систем за квалитет на амбиентен воздух (ДАМСКАВ) кои пристигнуваат во Македонскиот информативен центар за животна средина при МЖСПП, покажуваат високо загадување на воздухот во Охрид.
Синоќа Охрид беше меѓу градовите со најзагаден воздух во државата, со измерени PM10 234.506 mg/m3. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес