Охрид, 28. ноември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Митрополитот Дебарско-кичевски, господин Тимотеј, денеска беше испратен до неговото вечно почивалиште, во јужната апсада на храмот на „Свети Пантелејмон“ на Плаошник во Охрид.
Со владиката Тимотеј се простија сите членови на Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква, свештеници од епархијата, од другите Помесни православни цркви, бројно свештенство од целата земја. Во заупокоената Света архиерејска литургија одржана во катедралната црква „Света Софија“ учествуваа и двајца владици од Српската и еден од Бугарската православна црква.
Со церемонијата на погребението чиноначелствуваше Неговото блаженство архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, кој покрај верските обреди, имаше и свое световно обраќање до верниците собрани во Охрид да се простат од владиката Тимотеј.
– Никому и никаде не е лесно да говори на вакво место и на ваков повод. Особено не му е лесно да слови на човек за човекот со кого се познава, со кого повеќе од половина век работел за иста цел, за исти идеали…По молитвите на светите Климент и Наум, честопати бевме удостојувани да бидеме ангажирани како членови на комисии и претставници на нашата света црква и насекаде и пред секого, без да се договараме секогаш имавме исти ставови, исти прашања, исти одговори… Можевме заедно зашто носевме иста рана, зашто чувствуваме иста болка и баравме ист лек. И му благодарам на Бога што пак заедно го најдовме. Како што заедно со децении тагувавме така и заедно се израдувавме и во Цариград и во Белград и оттогаш и пред секого и насекаде, рече поглаварот на МПЦ.
Митрополитот Дебарско-кичевски Тимотеј почина на 25-ти ноември во Скопје, каде беше хоспитализиран поради проблеми со срцето. Владиката Тимотеј раководеше со Дебарско–кичевска епархија од 1981 година како нејзин администратор со седиште во Охрид, од каде ќе раководи и со Австралиската аперхија до 1995 година кога доброволно ја отстапува на друг надлежен архијереј. Изминатите 43 години како архијереј на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, Митрополитот Тимотеј извршуваше и многу други одговорни задолженија како секретар на САС на МПЦ и администратор на Повардарската епархија, како и портпарол на Синодот на МПЦ. (Крај)
извор: Нова Македонија фото: архива