Скопје/Охрид, 28. ноември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Од Министерствотo за земјоделство, шумарство и водостопанство ги објавија јавните повици за доделување концесии за вршење комерцијален и организирање на рекреативен риболов на рекреативните зони од девет риболовни подрачја во Република Македонија.
Дел се и риболовните подрачја „Охридско Езеро“ и „Црн Дрим“ кои се доделуват на користење за период од 12 години. Правните лица кои ќе дадат највисока понуда и кои ќе ги исполнува условите ќе ја добијат концесијата. Покрај другите услови, концесионерот, треба да има вработено потребен број рибочувари предвидени во риболовната основа, да има најмалку еден пловен објект, како и соодветна техничка опрема за вршење на контрола и надзор.
Рекреативната зона „Охридско Езеро“, која го опфаќа делот на Охридското Езеро кој припаѓа на територијата на Република Македонија, каналот „Студенчишта“, како и Коселска и Велгошка Река, реките Черава и Сатеска и нивните притоки, освен деловите на водната површина на езерото определени како риболовни зони, изворите кај „Свети Наум“ и заштитените зони во езерото на кои е забранет риболов со закон. Езерото е поделено на седум риболовни зони со намена за комерцијален риболов и тоа: „Калишта“, „Радожда“, „Воска“ , „Струга“, „Охрид“ , „Пештани“ и „Трпејца“.
Рекреативна зона „Црн Дрим и акумулација Глобочица“, која го опфаќа течението на реката Црн Дрим од истекот од Охридското Езеро со притоките, освен делот кој е определен како риболовна зона, водните површини на ледничките езера Подгоречко Езеро, Вевчанско Езеро, Горно Лабунишко Езеро и Долно Лабунишко Езеро, како и водната површина на акумулацијата Глобочица.
Право на учество на Јавниот повик за доделување на користење на рибите и другите водни организми за организирање рекреативен риболов може да се јават домашни и странски правни лица регистрирани за дејност рибарство или општа клаузула за бизнис, со регистрирана подружница во Република Македонија за дејност рибарство, согласно Законот за трговски друштва и согласно Националната класификација на дејности и правни лица регистрирани согласно со Законот за здруженија и фондации, со доставување на понуда. Странските правни лица кои учествуваат на Јавниот повик мора да имаат регистрирано подружница со дејност рибарство во Република Македонија, согласно со Законот за трговски друштва.
Почетната вредност на надоместокот за користење на рибите и другите водни организми за организирање рекреативен риболов од рекреативните зони од риболовните подрачја изнесува најмалку 10% од наплатениот надоместок за вкупно издадените дозволи на годишно ниво.
Повеќе информации сите заинтересирани правни субјекти можат да најдат ОВДЕ. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес