Охрид, 3. декември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Охрид и годинава со бројни настани достојно ќе го одбележи празникот Св. Климент Охридски, Патрон на градот.
Програмата започнува утре напладне во големата општинска сала со промоцијата на книгата за деца и млади „Охридска археолошка азбука“ од проф. д-р Антонио Јакимовски (доктор по археолошки науки), проф. д-р Елизабета Томевска- Илиевска (доктор по педагошки науки), м-р Маја Јаневска (магистер по педагошки науки) и Иван Малезанов (магистрант по археолошки науки).
Во четврток, 5-ти декември од 12:00 часот ќе биде промовирана книгата „Црковните библиотека во Охрид и охридско“ од м-р Мариче Боздоганова во Прличевата одаја, а од 19:00 часот е традиционалниот Осмодекемвриски концерт на учениците од ОМУ „Методи Патче“ во концертната сала на училиштето.
Во петок, на 6-ти декември ќе се одржи промоцијата на книгата „Охридски драмски писатели“ (Едиција Охридско книжевно наследство) од проф. д-р Димитар Пандев и Славе Ѓорѓо Димоски во големата сала на Општина Охрид со почеток во 12:00 часот. Во истиот термин во Куќата на Робевци ќе биде отворена изложбата на пафти, токи, колани-украси за појас од етнолошката ризница на НУ Завод и музеј Охрид. Во 18:30 часот во изложбениот салон на Центарот за култура „Григор Прличев“ ќе биде отворена изложба на ликовни творби од учениците на ООУ „Свети Климент Охридски“, а половина час подоцна на големата сцена ќе се одржи свечена приредба на ова училиште.
Во сабота, 7-ми декември во изложбениот салон на Центарот за култура од 18:00 часот ќе биде отворена традиционална изложба на Фото клубот Охрид, а пак во галеријата од 18:30 часот ќе биде отворена изложбата на уметнички дела од Вангел Наумоски содржани во збирката „Вангел Наумовски“ во сопственост на ЈЗУ Специјализирана болница за отропедија и трауматологија „Свети Еразмо Охридски“ од Охрид. Во 19:30 часот ќе започне свечената академија по повод 8. Декмеври – Денот на Свети Климент Охридски, Патрон на Охрид.
Во недела, на денот на празникот, во 10:00 часот е предвиден поклон пред моштите на Свети Климент Охридски во манастирот „Свети Климент и Пантелејмон” на Плаошник, од 11:00 часот ќе биде положено свежо цвеќе на споменикот на Свети Климент Охридски во училишниот двор на основното училиште што го носи неговото име, а во 12:00 часот свежо цвеќе ќе биде положено на монументалниот споменик на Свети Климент Охридски на градскиот плоштад каде ќе бидат врачени наградите на најдобрите поетски творби на општинскиот награден ученички литературен конкурс по повод Патронот на Охрид. Во 13:00 часот во Центарот за култура ќе започне концертот Фолклорните ансамбли во чест на Свети Климент (СОФАМ), а празничните активности ќе бидат заокружени во малата општинска сала од 18:00 часот со изложбата – среброрез: 33 Христос – Живот за спас на човештвото од Боро Митрески Минта. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива