Скопје, 11. декември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Уставниот суд одлучи да повика експерти за да слушне различни мислења за Законот за употреба на јазиците, а дури потоа да одлучува. Двајцата судии Албанци бојкотираа, а судијата од турска националност реши ја напушти дискусијата.Како течеше денешната седница во Уставен
Бројните полицајци и паркираните полициски комбиња на кејот на Вардар покрај згрдата каде е сместен Уставниот суд во центарот на Скопје, утрото на 11-ти декември навестуваа дека судиите внатре ќе дискутираат и одлучуваат за сензитивни прашања.
Законот за употреба на јазиците, по пет години откако стапи во сила, беше прва точка на дневниот ред на седницата. Дискусија имаше, но за одлука дали целиот Закон или делови од него се уставни или неуставни и ќе се укинат, ќе се почека неколку месеци.
Со пет гласа „за“ и еден „против“ Уставниот суд одлучи прво да одржи подготвителна седница на која ќе бидат повикани странки – и оние што го оспоруваат Законот и оние што го поддржуваат, но пред се експерти. Откако уставните судии ќе ги слушнат мислењата, ќе го стават Законот на дневен ред па ќе одлучуваат.
Законот пред Уставен беше оспорен со вкупно 12 иницијативи, поднесени од граѓани, адвокати, универзитетски професори, но и две политички партии – владејачката ВМРО-ДПМНЕ и опозициската Левица. Сите иницијативи Уставен ги спои во еден предмет.
– Воопшто не е едноставно прашање, искоментира претседателот на судот, Дарко Костадиновки кој беше дециден дека без разлика дали за еден, два или три месеци, „овој суд ќе донесе одлука“.
Членови и актуелни и поранешни фунцкионери на опозициската ДУИ, заедно со партискиот лидер Али Ахмети, ја дочекаа седницата насобрани пред влезот на судот. Од утринските часови, од поставеното озвучување ечеше албанска музика, која допираше и до салата каде заседаваа уставните судии. (Крај)
извор: Радио Слободна Европа фото: Радио Слободна Европа