Охрид, 12. декември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Од почетокот на годинава заклучно со октомври Општина Охрид собрала 19 256 740 денари по основ на туристичка такса, информираа за Супер радио и OhridPress од локалната самоуправа.
Уплатата на хотелите е 17 600 851 денари, додека на физичките лица е 1 655 889 денари. Според уплатениот износ, најголем приход е остварен во август од 4 173 941 денари, а најмал во март – 241 440 денари.
Инаку, на општинската сметка по основ на туристичка такса „легнале“ вкупно 24 070 925 денари, од кои 80% или 19 256 740 денари остануваат за општината, а преостанатите 20% се за државата.
Охрид како најголем туристички центар во Република Македонија забележа една од поуспешните сезони во текот на последните години. Во прилог на тоа одат и бројките на посетители и инкасираното во општинската каса по основ на туристичка такса.
Пред нас се новогодишните празници, најавите за исполнетост на градот се одлични, па 2024 година ќе ја потврдиме како една од поуспешните последниве години кога е туризмот во прашање. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес