Охрид, 13. декември 2024 (ОХРИДПРЕС) – По „While My Guitar Gently Weeps“, антологиската „Чукни во дрво“ и новата верзија на „Gipsy Song“, обработката на антологиската „Македонско девојче“ е четвртиот сингл од новиот албум „London sessions“ на Влатко Стефановски Трио, снимен во Студио 3 на легендарното Abbey Road Studio во Лондон.
Станува збор за една од најубавите македонски народни песни, која е испеана од Виолета Томовска, а компонирана и напишана од Јонче Христовски во 1964 година. За убавината на оваа песна доволно зборува фактот што се препеани верзии на англиски, германски, дански, италијански, руски, српски, француски и шпански јазик.
И оваа песна е дел од новиот материјал снимен во легендарното Abbey Road Studio во Лондон. Некои од најважните и највозбудливите уметници во светот создавале и снимале во ова познато студио. Од Pink Floyd, The Beatles, Fela Kuti, Lady Gaga и Amy Winehouse до Frank Ocean, Brunо Mars, James Blake, Florence + The Machine, Nile Rodgers, Dua Lipa, Liam Gallagher и многу други. На оваа престижна листа се приклучи и нашиот Влатко Стефановски. На новиот албум негови се секако гитарите и вокалните делови, на тапани е еден од најперспективните млади тапанари во регионот, неговиот син Јан Стефановски, а на електричниот контрабас извонредно свиреше Тихомир Хојсак.
Во годината во која Стефановски слави 50 години од својата кариера, Croatia Records организираше повеќедневно снимање на неговиот нов албум во Студио 3 на легендарното Abbey Road Studio во Лондон. Албумот, кој ќе биде објавен на стриминг сервиси, CD и винил се вика „Влатко Стефановски трио-London sessions“. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива