Голема полициска акција во струшко-гостиварскиот регион: Разбиена терористичка група, уапсени 4 лица
декември 15, 2024

Струга, 15. декември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Министерството за внатрешни работи (МВР) спроведе успешна акција и разби терористичка група која делувала во струшко-гостиварскиот регион, соопшти денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

Во полициска акција што била спроведена во Струга и во Гостивар уапсени се четири лица за кои има основано сомнение дека планирале во иднина да организираат одредени несакани настани кои би можеле да ја загрозат безбедноста како на Македонија, така и на други држави, изјави Тошковски.

Тој појасни дека се постапувало по наредба од страна на Обвинителството за гонење организиран криминал и висока корупција во делот на приведување четири лица.

Постапено е, истакна Тошковски, и по наредба на судија на претходна постапка и извршени се претреси на повеќе локации. Според него, постојат основани сомненија и МВР поднело кривична пријава.

– Станува збор за терористички организации, четири лица кои се лишени од слобода. Тие, во соработка со лица кои не се на територијата на Македонија, подолг временски период се следат од страна на надлежните безбедносни органи и во соработка со меѓународните пријатели е координирано постапено. Имаме доста докази во насока на поткрепено основано сомнение дека овие лица постапувале во насока да организираат во иднина одредени несакани настани кои би можеле да ја загрозат безбедноста како на Македонија, така и на други држави. Нивната цел била да индоктринираат останати луѓе од Балканот кои би можеле да делуваат соодветно во насока на реализација на нивните цели, рече Тошковски.

Во текот на денов лицата кои се македонски државјани, ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка и ќе следат соодветни постапки. (Крај)

извор: курир.мк фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука