Охрид, 16. декември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Во организација на Веслачкиот клуб „Горица Ремо“, викендов, за прв пат во Охрид, се одржа Државното првенство во ергометар.
Учество зедоа 40-тина учесници од домаќинот „Горица Ремо“ и од Веслачките клубови „Црн Дрим“ и „Врбник“ од Струга и „Дебар“ од Дебар. Натпреварите се одржаа во пионерска, кадетска, јуниорска и сениорска категорија, како и во Мастерс (ветерани) категорија во женска и машка конкуренција.
– Веслачите на „Горица Ремо“, иако во редуциран состав, гордо и достоинствено се претставија на ова Државно првенство и докажаа дека со напорен тренинг и силна волја, успехот е загарантиран. Најмладата веслачка од „Горица Ремо“, Ана Ничевска го освои сребрениот медал во кадетска категорија. Во најбројната категорија – кадети мажи, Андреј Крстески стигна до 5 позиција. Александра Маленкоска ја одбрани титулата во сениорска конкуренција, пред нејзината клубска колешка Изабела Димоска, која се закити со сребрениот медал. Во машка конкуренција-сениори до златото прв довесла Климент Нанев. Во возбудлива и изедначена борба помеѓу клубските колешки во категоријата Мастерс-жени, најбрза беше Валентина Модева- Караѓуле, пред Тања Митрова и третопласираната Дениз Хајредин. Во Мастерс-мажи, Коста Дескоски стигна до среброто, додека Методија Патчев беше третопласиран, информираат организаторите.
Натпреварите се одржаа во просториите на Центарот за спасување на планина, во организација на Веслачкиот клуб „Горица Ремо“ од Охрид, а под покровителство на Веслачката федерација на Република Македонија. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива