Тим доктори од болницата „Св. Еразмо“ на обука во Каунас, Литванија за новитетите во третманот на мозочен удар
декември 16, 2024

Охрид, 16. декември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Тим доктори од ЈЗУ Специјализирана болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ од Охрид, периодов наназад престојуваше во Каунас, Литванија, каде собираа искуства и новитети во третманот на мозочен удар.

– Обуката беше спроведена со цел да се имплементира стратегија и систем, за првпат во нашиот град, за третман на исхемичен мозочен удар со реканализациона терапија под надзор и менторство од врвни експерти. Тимот беше составен од д-р Маја Божиноска- Смическа, специјалист невролог од нашата установа, д-р Тони Чифлигароски, специјалист радиолог, и медицинските сестри Светлана Коческа и Ана Крстеска од Општата болница Охрид, информираат од болницата.

Додаваат дека од минатата година, се прават обиди Центарот за мозочен удар при Општата болница Охрид да започне со работа во полн капацитет, со цел да обезбеди оптимален и современ третман за пациентите од нашиот регион.
Со ваквите активности, Охрид се движи кон модернизација на здравствениот систем и унапредување на грижата за најтешките медицински состојби. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука