Охрид, 27. декември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Во Касарна Хаб во Охрид, денеска ќе биде отворена самостојната изложба „No escape from reality” на познатиот охридски уметник Сашо Блажес.
– Станува збор за изложба која ја истражува комплексноста на перцепцијата и размислувањето преку една серија на досега неизложени дела, информираат организаторите.
Изложбата ќе биде отворена за јавноста во 12:00 часот и ќе биде проследена со предновогодишна забава.
Сашо Блажес е роден во 1980 година во Охрид, каде живее и работи. Дипломирал во 2006-та година на Универзитетот за ликовни уметности во Букурешт, Романија, како еден од најдобрите студенти на графичкиот отсек. За време на магистерските студии (2006-2008) бил вклучен од катедрата за графика во изготвувањето на неколку универзитески трудови од областа на графиката и графичките техники на Универзитетот. Зад себе има реализирано четиринаесет самостојни изложби во Македонија и во странство, а има учествувано на бројни групни изложби во Германија, Романија, Шведска, Јапонија, САД, Канада, Италија, Бугарија. На почетокот на ноември годинава, во Blue Gallery во Венеција, беше отворена неговата самостојна изложба „Lost in reflection“.
Негови дела се наоѓаат во приватни колекционерски збирки во Норвешка, Јужна Африка и Романија. Неговиот интерес во уметноста е насочен кон графиката и сликарството, фотографијата, музиката и кураторството. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива