Заслуг пред големиот празник Свети Никола, според охриѓани тој „и поиљвит морињата, фенерлија е и праит чудеси“
декември 18, 2024

Охрид, 18. декември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Православните верници вечерва го одбележуваат Заслугот пред големиот празник Свети Никола, за кој велат дека „половина Македонија го слави, а половина оди на слава“.

На 19-ти декември, се празнува големиот христијански празник Свети Никола Чудотворец, или кај народот познат како све­те­цот, кој е заш­тит­ник на де­цата, мо­реп­лов­ците, де­вој­ките, си­ро­маш­ните, уче­ни­ците, пекарите, ап­те­ка­рите, тр­гов­ците, пат­ни­ците.

Мно­гу ма­ке­дон­ски се­меј­ства вечерва и утреве­чер со бо­га­та посна трпе­за на која пре­ов­ла­ду­ва­ат ри­ба­та и посни­те сар­ми ќе го просла­ват праз­ни­кот. Во народното паметење овој лик останал како заштитник на патниците, посебно на оние што патуваат по вода, но и по тоа што, како за време на животот така и по смртта, ги помагал сиромавите, ги заштитувал затворениците и неправедно осудените, ги откупувал робовите и ги пуштал на слобода.

На овој ден сите бродови каде и да се наоѓале ги спуштале сидрата и до следниот ден одморале, оддавајќи му почит на тој начин на овој светец. Во очи на празникот често бродовите застанувале додека морнарите му се помолат на светителот и потоа продолжувале.

Е. Спространов за обичаите во Охрид забележал дека Св. Никола бил тој: „Шо и поиљвит морињата. Тога каде и да се најт гемиџија или пампур останвит таму макар стрет море да је ќе се заприт и ќе го држит (ќе го празнуват). Св. Никола е фенерлија, праит чудеси“.

На овој ден според традицијата никако не треба да перете алишта, да се чисти куќата и да се прават било какви домашни работи. Постои верување дека на овој ден никој не треба да го потсетувате на долг, ниту додатно да му ја отежнувате положбата затоа што е должник.

Во некои краеви се одржал обичајот да им се подаруваат подароци на децата бидејќи Свети Никола е нивен заштитник. Затоа, израдувајте ги децата со некаков ситен подарок. Тие ќе бидат среќни, а вам ќе ви биде убаво, како што наложува народната традиција.

Во Македонија има повеќе цркви посветени на Свети Никола. Култот за Св. Никола е познат од VI век, а најстарото житие за него потекнува од IX век. Важел за заштитник на целото население и од целиот свет, поради што високо го ценат сите христијани. (Крај)

извор: mpc.org.mk фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука