Охрид, 18. декември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Во организација на Здружението на планинари „Великамен“, по третпат по ред, се одржа традиционалната планинарска тура по повод Светскиот ден на планината, на релацијата село Елшани-планинарски дом „Троуглеш“.
– Настанот, кој се одржа по лоши временски услови и обилен дожд минатиот викенд, успеа да ги собере најупорните љубители на планината, на кои дождот на стартот од акцијата не им беше пречка. Планинарскиот дом „Троуглеш“ ги пречека учесниците со топол чај, освежителни пијалоци, ѓомлезе, питулици и други традиционални македонски специјалитети. Покрај гастрономските задоволства, учесниците уживаа во запознавањето со локалните планинарски патеки што ги поврзуваат селата Коњско и Елшани, како и со историјата, традициите и животот на мештаните кои отсекогаш биле тесно поврзани со планината, информираат од „Великамен“.
Додаваат дека настанот бил поддржан од општина Охрид, а учесниците изразиле задоволство од можноста за активен ден поминат во природа, со нагласена почит кон локалната култура и традиција.
– Турата ја потврди важноста на овие акции за промоција на природните убавини на регионот и за зачувување на наследството што го нуди овој предел, потенцираат од Здружението на планинари „Великамен“. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива