Охрид и Струга ќе имаат стабилно снабдување со струја, пристигна новиот трансформатор за ТС Битола 2
декември 18, 2024

Скопје/Охрид, 18. декември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Македонски електропреносен систем оператор (МЕПСО) информира дека во трансформаторската станица Битола 2 пристигнал нов 400/110 kV трансформатор кој ќе придонесе за подобрување на стабилноста на електроенергетската мрежа во Југозападна Македонија.

– Новиот трансформатор ќе го намали притисокот врз мрежата, ќе ја подобри системската сигурност за реоните на Охрид, Струга, Ресен, Битола и Прилеп, обезбедувајќи стабилно снабдување со електрична енергија за време на зимската сезона и ќе обезбеди сигурност на производството на електрична енергија во РЕК Битола, клучен снабдувач на електрична енергија во државата, велат од МЕПСО.

Информираат дека монтирањето на новиот трансформатор ќе трае околу 10-12 дена, во зависност од временските услови.

– Техничките тимови на МЕПСО се целосно подготвени и гарантираат дека монтажата ќе се заврши што е можно побрзо, и покрај предизвиците што ги носи зимскиот период, велат оттаму.

Во изминатиот период МЕПСО имаше неколку испади на трансформаторската станица Битола2.

– По дефектот на двата 400/110 kV трансформатори во ТС Битола 2, кои се случија во јануари 2024 односно јули 2024, новиот менаџмент на МЕПСО се соочи со голем ризик за енергетската стабилност во југозападниот регион. Во овој регион, кој покрива 25-30% од вкупната потрошувачка на електрична енергија во Република Македонија, се работеше со големи напори, потпирајќи се исклучиво на 110 kV далноводи, велат од МЕПСО.

Оттаму додаваат и дека договорот за набавка на трансформаторот е потпишан на 4-ти август 2023 година и досега не се реализирал со што била влошена состојбата на електроенергетската мрежа. Овој тансформатор, првично бил наменет за ТС Дуброво, но е пренаменет за ТС Битола 2 заради итните потреби на регионот.

– Раководството на МЕПСО работеше напорно изминатиот период за да ги надмине логистичките и административните предизвици, вклучувајќи сложени транспортни аранжмани, неповолни временски услови и наследени административни доцнења за да го реализира проектот. Тимовите на МЕПСО работеа неуморно за да го управуваат сложениот транспорт на овој голем и критичен енергетски уред, кој сега е безбедно сместен во ТС Битола 2 и подготвен за монтажа, велат од МЕПСО.

АД МЕПСО ги уверува граѓаните дека се преземаат сите можни напори за обезбедување стабилно и сигурно снабдување со електрична енергија за регионот и пошироко. (Крај)

извор: ПлусИнфо фото: ПлусИнфо

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука