Директорот за операции во WizzAir Тишнер најави можност за вклучување на летот Охрид-Базел
декември 19, 2024

Скопје/Охрид, 19. декември 2024 (ОХРИДПРЕС) – По објавата на последниот повик за субвенционирање на нови авиолинии од Владата на Република Македонија, директорот за операции во авиокомпанијата WizzAir, Роланд Тишнер во интервју за МИА вели дека ги разгледуваат сите можности што можат да бидат поддржани за нови авиолинии.

– Постојано сме во потрага по нови можности. Сега објавивме три нови дестинации. Секогаш кога доаѓав во земјата ми беше поставувано прашањето за Барселона што е многу посакувана дестинација, тука се исто така Лион и Штутгарт. Подоцна би можеле да го вклучиме и летот Охрид-Базел, но генерално ги разгледуваме сите можности што можат да бидат поддржани, наведува Тишнер.

По намалувањето на рутите поради проблемите поврзани со ланците за снабдување, особено во однос на ГТФ моторите, вели дека со новите испораки од Ербас можат постепено да ја враќаат флотата, да го зголемат капацитетот и некои од дестинациите набрзо да се вратат.

– Како и многу други авиокомпании, и нашата беше под удар на проблеми поврзани со ланците за снабдување, особено во однос на ГТФ моторите. Овој вид на мотор е најефикасниот на пазарот. Поради проблеми поврзани со производството, многу од овие мотори беа повлечени заради инспекција и затоа моравме да паркираме дел од нашата флота. Тоа доведе до кратење на дел од нашите капацитети, а со тоа и дел од дестинациите за корисниците. Добрата вест е што со новите испораки од Ербас можеме постепено да ја враќаме флотата, да го зголемуваме капацитетот и некои од овие дестинации може набрзо да се вратат, наведува Тишнер. (Крај)

извор: МИА фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука