„Петардите не се играчка“ – Црвен крст со едукативна активност за опасностите од употреба на пиротехнички средства
декември 20, 2024

Охрид, 20. декември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Во рамките на своите здравствено-превентивни активности Црвен крст Охрид ја продолжува соработката со Одделението за превенција при СВР Охрид, со акцент на превенцијата на ризиците предизвикани од употребата на пиротехнички средства.

– На Градскиот плоштад „Св. Климент Охридски“ во Охрид, утре, сабота, 21-ви декември 2024 година, со почеток од 12:00 часот, припадници на СВР Охрид, Одделение за превенција и волонтери на Црвен крст Охрид да делат едукативни материјали за опасностите и последиците од користењето на петарди и други пиротехнички средства, со нагласување дека употребата на пиротехнички средства се казнува. Во рамки на активноста ќе биде изведена и симулациска показна вежба на повредени од експлозија на петарди со приказ на повреди на екстремитети од експлозијата и укажување на прва помош при таква повреда, од страна на парамедиците на Црвен крст Охрид, информираат организаторите.

„Петардите не се играчка“ е пораката која организаторите на овој настан ја упатуваат до децата, но и до родителите, со апел за грижа за безбедни Новогодишни и Божиќни празници. Додаваат дека вакви и слични активности во наредните денови ќе бидат реализирани и во дел од основните училишта во Охрид. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука