Охрид, 23. декември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Православните христијани денес го слават денот посветен на Свети маченици Мина, Ермоген и Евграф.
Мина и Ермоген беа родум атињани. Обајцата живееја во Цариград, во голема чест кај царот и кај народот. Мина беше познат по неговата голема ученост и красноречивост и однадвор се држеше како незнабожец, но во срцето беше христијанин. Ермоген беше цариградски епарх и се држеше за незнабоштвото и однадвор и однатре, иако беше милосрден и вршеше многубројни добри дела. Кога пламна некоја расправија меѓу христијаните и незнабошците во Александрија, царот Максимин го испрати Мина да го стивне метежот и да ги истреби христијаните од тој град.
Мина отиде и воспостави мир, но се објави себеси како христијанин и мнозина незнабошци ги обрати во вистинската вера со силен збор и многубројни чуда. Кога слушна за ова царот го испрати Ермоген за да го казни Мина и да го задуши христијанството. Ермоген го изведе Мина на суд, му ги отсече стапалата и јазикот, му ги избоде очите, па го фрли во затвор. Во затворот на Мина му се јави Самиот Господ Исус, го исцели и го утеши Својот страдалец. Кога го виде Мина чудесно исцелен, Ермоген се крсти и почна на големо да ја проповеда Христовата вера.
Го поставија и за епископ на Александрија. Тогаш разјарениот Максимин самиот отиде во Александрија и ги подложи Мина и Ермоген на големи маки, коишто тие, помагани од Божествената благодат, храбро ги издржаа. Гледајќи ја храброста на овие Христови војници и Божјите чуда што се извршија над нив, пред судилиштето се јави и Евграф, секретар и пријател на Мина, извикувајќи кон царот: „И јас сум христијанин!“ Царот збесна, го исука мечот и го уби Евграф. По ова овој нечестив цар нареди да ги убијат со меч и Мина и Ермоген.
Нивните свети мошти ги фрлија во морето, но тие на чудесен начин допловија во Цариград, каде што епископот, на кого му се јавија во сон, свечено ги дочека и ги погреба.
Тропар
Велики сте вие, Мино и Ермогене, кои лично Христово присуство во вашите страдања измоливте. Благодатта преку вас не само Евграфа туку и целото стадо кон благодарност спрема Бога го поттикна, и тие тогаш од вас, како и ние денес, молиме да се застапувате за сите кои поверуваа во онаа Вистина која ја проповедавте. (Крај)
извор: mpc.org.mk фото: архива