Скопје/Охрид, 23. декември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Министерството за транспорт објави нов јавен повик, втор оваа година, за воведување нови субвенционирани авионски линии од аеродромите во Скопје и Охрид од 1 јануари 2025 до 31 декември 2027.
Апликациите ќе се разгледуваат и одобруваат според системот „прв дојден, прв услужен“ додека не се исцрпат средствата од 3,36 милиони евра што ги намени Владата за субвенциите.
Тендерот е отворен за сите авиокомпании кои превезле над пет милиони патници и оствариле нето профит од најмалку десет милиони евра минатата година. Државата ќе обезбеди девет евра за секој патник што слетува во Скопје, односно 12 евра за секое доаѓање на аеродромот во Охрид со субвенционираните линии.
– Со овој втор повик, Министерството има за цел дополнително да го развива воздушниот сообраќај, да ја зајакне конкуренцијата и да обезбеди повеќе можности за патување. Со привлекување на повеќе авиокомпании и со диверзификација на дестинации, се очекува програмата да го зголеми патничкиот сообраќај и да поттикне економски раст, велат од Министерството за транспорт.
Финансиската поддршка ќе се доделува врз основа на неколку фактори: времетраењето на операциите, зачестеноста на неделните летови, атрактивноста на аеродромите од кои ќе се лета кон македонските аеродроми и бројот на седишта достапни за продажба. (Крај)
извор: сдк.мк фото: архива