Водостојот на Охридското Езеро и понатаму под просекот за декември
декември 23, 2024

Охрид, 23. декември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Нивото на водата во Охридското Езеро и понатаму е под просекот за овој период од годината.

Иако периодов се бележи благ пораст, за една недела водостојот „пораснал“ за 3 сантиметри, сепак сувите делови во приобалниот дел сѐ уште ги има.

Според денешните мерења нивото е на кота од 693,22 м.н.в што е за 10 сантиметри под просечното ниво за овој месец (693,32 м.н.в) и 12 сантиметри над минимално дозволената кота (693,10 м.н.в). Температурата на езерската вода, измерена утрово е 9 степени и е за 0,3 степени пониска од просечната.

Со надеж дека одговорните ќе преземат соодветни мерки и нема да ни се случи „Преспанизација“ на Охридското Езеро, на OhridPress продолжува рубриката „До кај сме“ каде секој ден објавуваме по една фотографија од истата локација од процесот на претворање на охридското „Островче“ во полуостров.

Во Охрид денес облачно и постудено време со врнежи од дожд и снег во пониските места, а на планините и повисоките места од снег. Ќе дува умерен ветер од северен правец. Максималната температура ќе се искачи до 4. степени.

– Под влијание на циклонска активност и студена воздушна маса од север времето утре ќе биде облачно и студено со врнежи од дожд и снег во пониските места, а на планините и повисоките места од снег. Врнежите ќе бидат пообилни во западните и крајните источни делови каде на планините ќе се зголеми постојната снежната покривка, а помала снежна покривка ќе се формира и во некои од пониските места. Ќе дува умерен до засилен јужен, а во текот на ноќта засилен северен ветер. Потоа до четврток ќе се задржи променливо облачно, студено и ветровито време со локални врнежи претежно од снег, особено во среда.Потоа следува период на стабилно, суво и понатаму студено време, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи на Република Македонија (УХМР). (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес/УХМР

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука