Скопје, 24. декември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Буџетот на Министерството за одбрана за 2025 година изнесува 329 милиони евра, од кои 106 милиони, односно 32%, се наменети за модернизација и опремување на Армијата. Во однос на 2024 година, тоа е зголемување од 18 милиони евра.
– Модернизацијата и инвестирањето значителни средства се гарант дека македонската Армија секојдневно се менува и ја зголемува својата борбена готовност, нагласи министерот за одбрана Владо Мисајловски.
Тој денеска најави дека следната година Армијата ќе добие нови професионални војници, како и дополнителен административен кадар потребен за Министерството за одбрана.
Следната година ќе пристигне значителен дел од новата опрема за Армијата, а планирани се и реконструкции на капацитетите во лоша состојба. Еден од објектите што ќе се обнови е Дом на АРМ, чија реконструкција ќе се спроведе етапно.
– Ќе се реконстуираат и камповите во Охрид и во Дојран, како и еден хотел во сопственост на АРМ, откри министерот Мисајловски.
Авто кампот „Васко Карангелески“ во Свети Наум, кај Охрид се протега на површина од десет илјади метри квадратни и е изграден во 1969 година. Истиот е од отворен тип и покрај тоа што можат да го користат вработените во Министерството за одбрана и Армијата може да го користат и останатите граѓани. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес