Советниците ја одржаа 51. седница, усвоени сите 82. точки на дневниот ред, помина и буџетот за 2025 година
декември 25, 2024

Охрид, 25. декември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Градските советници денес ја одржаа педесет и првата седница. На дневен ред беа 82 точки, од кои најголем дел – програми за работа на општинската администрација и јавните претпријатија.

Останатиот дел од денешната седница, се однесуваше на усвојување на одлуки за вклопување на бесправно изградени објекти.

– Со неколку минутна дебата, сите точки на дневниот ред беа усвоени. Ова беше последна седница на советот за оваа календарска година, информираат од локалната самоуправа.

Денеска Советот на Општина Охрид ги усвои годишните програми и буџетот за 2025 година. Основниот буџет на Општина Охрид за наредната година изнесува 1.210.850.000 денари, а вкупниот буџет е 1.957.195.223 денари. Станува збор за историски најголем буџет на општината, перспективен и развоен и истиот ќе значи многу за Охрид и неговите граѓани. Општина Охрид втора година со ред, 2023 и 2024 година уште на почетокот на ноември остваруваше 100% од приходната ставка на буџетот и двете години со ред пренесувавме салдо во новиот буџет кој можевме да го планираме.
Претходно, најголемиот дел од средствата ги искористивме за одблокирање на сметката на Општина Охрид, а сега најголем дел од средствата се предвидени за капиталните инвестиции, но и поединечно по ставки во животна средина, туризам, локален економски развој, спорт, култура, социјална заштита и за подобрување на условите за живеење во сите делови на општината.

– Горд сум што Општина Охрид после многу години застанува на здрави нозе, посебно од финансиски план и се радувам што ни претстои еден инвестициски бум по однос на капиталните инвестиции, истакна градоначалникот Пецаков. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука