Охрид, 10. јануари 2025 (ОХРИДПРЕС) – Градоначалникот на Охрид, д-р Кирил Пецаков го одржа првиот координативен состанок со Организцискиот одбор за подготовка на најмасовната културно-верска манифестација кај нас Богојавление- Водици.
Очекувањата се дека и годинава празникот ќе биде одбележан на највисоко ниво со бројни посетители од земјава и странство. Во согласност со традицијата, Богојавленските чествуавања ќе бидат составени од два дела. Првиот дел е црковниот, за кој е задолжена Дебарско-кичевската епархија при МПЦ-ОА и вториот е граѓански и го координира Општина Охрид, а се однесува на целокупната празнична програма.
На 19-ти јануари, богослужбите во охридските парохиски цркви ќе започнат во 07:00 часот наутро. Годинава Свети Литургии со почеток во 08:15 часот ќе се одржат во четири парохиски цркви; Успение на Пресвета Богородица – Каменско, Св. Никола- Геракомија, Св. Никола- Долна Влашка Мала и Св. Георгија- Горна Влашка Мала. Литијата кон градското пристаниште ќе се упатат во 09:45 часот. Светиот крст во водите на Охридското Езеро ќе биде положен во 10:00 часот од градското пристаниште, а чинот на полагањето ќе го изврши Митрополитот тетовско-гостиварски Јосиф. Во сите парохиски цркви во Охрид веќе е започнато пријавувањето на капачите кои сакаат да бидат дел од настанот. До сега покрај охриѓани, своето учество го пријавиле и голем број верници од други градови на Република Македонија.
Истиот ден во 12:00 часот на месноста Сараиште ќе биде организирано групно крштевање во Охридското Езеро. И годинава во организација на Црвен Крст ќе се одржи традиционалната крводарителска акција.
Како дел од подготвителните активности и логистиката на настанот во недела на 12-ти јануари и покрај најавените снежни врнежи охридските нуркачи ќе спроведат чистење на дното од Охридското Езеро, на просторот каде ќе се одржува фрлањето на Светиот крст. Исто така, предвидени се и низа активности за уредување на пристаништето и крајбрежниот дел на Охридското Езеро, соодветно украсување на градот со зеленило и верски знамиња, како и низа значајни активности кои се поврзани со безбедноста на капачите и посетителите.
Прославата за Водици во Охрид, продолжуваат на 20-ти јануари со уникатната манифесатција Денот на рибарите во чест на празникот Свети Јован Крстител. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива