Скопје, 10. јануари 2025 (ОХРИДПРЕС) – Ќе се воспостави директна линија од Скопје до Амстердам и најновата вест е дека авиокомпанијата Изиџет формално поднесе документи во министерството за Скопје-Париз до аеродромот „Орли”, кој што е најблиску до центарот на Париз, најави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.
Тој потенцираше дека во наредниот период се очекува да бидат потврдени уште 3-4 дестинации до кои ќе се лета од македонските аеродроми. Во однос на состојбата во која како министер ги затекнал аеродромите во државата, тој истакна:
– Во услови каде приштинскиот аеродром го заминува скопскиот, а охридскиот ќе добие сериозна конкуренција во аеродромот во Валона кој што се гради во моментов, како и во помалите грчки аеродроми во северниот дел на Грција, сфатив дека мора да направиме драстична промена. Таа промена ја направивме со политиката на субвенционирање на летови, каде што прво субвенциите ќе одат по патник кој што доаѓа во Македонија, а не по патник кој што заминува од државата, како што правела претходната власт. Второ, драстично се зголемени субвенциите, и за охридскиот аеродром се повисоки од скопскиот, со цел привлекување на туристи. Тоа ги даде првите резултати и веќе имаме 6 нови линии. Од Скопје ќе се лета до Дубаи, Барселона, Лион и Штутгарт, а од Охрид како дестинации се потврдени Базел и главниот аеродром во Истанбул, истакна Николоски и додаде дека поврзувањето со овој аеродром во Истанбул веќе донесе и резервации на карти од Сиднеј, Вашингтон, Торонто и други светски метрополи до Охрид.
Инаку во тек е вториот јавен повик на министерството за транспорт за воведување нови субвенционирани авионски линии од аеродромите во Скопје и Охрид. Апликациите ќе се разгледуваат и одобруваат според системот „прв дојден, прв услужен“ додека не се исцрпат средствата од 3,36 милиони евра што ги намени Владата за субвенциите. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива