Левица: Ветено-неостварено од Пецаков и ДПМНЕ, Охрид од бисер на Балканот стана град со најголема загаденост
јануари 11, 2025

Охрид, 11. јануари 2025 (ОХРИДПРЕС) – Кирил Пецаков и ДПМНЕ не го исполнија тоа што го ветија како топ проекти во предизборната програма со која ја освоија локалната власт во Охрид, реагираат од локалниот огранок на партијата Левица од Охрид.

– Имено, Пецаков предизборно на Охриѓани им вети заштита од климатските промени и животната средина. Но, и покрај ваквите ветувања, Охрид од бисер на Балканот стана град со најголема загаденост. Податоците од извршените континуирани мерења на квалитетот на амбиенталниот воздух покажуваат високо загадување, реагираат од партијата.

Додаваат дека алармите одамна се вклучени, но властите немаат слух да ги реализираат предизборните ветувања како:

– Мерката 1:5 – за секое исечено дрво да се засадат пет нови дрва во рок од 5 дена,
– Мерката – Обезбедување на нова локација за депонирање и обработка на градежен шут што се наоѓа во индустриската зона „Мауцкер“,
– Мерката – Обезбедување на проектна документација за поставување на фотоволтаични панели наменети за ридско-планинските места коишто не можат да бидат искористени за други намени.

Според Левица, урбаната мафија преку неконтролираното градење уништуваа зелени појаси за сметка на сопствени интереси, а цената ја плаќаме сите ние.

– Ова е само еден од многубројните проекти со коишто директно беа излажани охриѓани, а особено гласачите на ДПМНЕ. Што ќе стои во отчетот пред граѓаните при крајот на мандатот останува да видиме и одмериме ветено-неостварено, стои во дописот до медиумите. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука