Од здружението „Храбро срце“ со бројни активности за поддршка и зголемена видливост на лицата кои чекаат трансплантација на срце
јануари 12, 2025

Охрид, 12. јануари 2025 (ОХРИДПРЕС) – Од Националното здружение „Храбро срце“, во кое членуваат пациенти со вградени пумпи на срцето кои чекаат на националната листа за трансплантација на срце, продолжуваат со активностите за поддршка и зголемена видливост на овие лица.

– Изминативе години добивме поддршка од повеќе јавни личности и од преживеани пациенти кои имаат трансплантирано срце и кои снимија видеа и ни ја дадоа поддршката. Во моментов состојбата кај дел од пациентите не е добра, вели Ирена Ралева- Најдевска од Охрид, членка и поддржувач на здружението, чиј 32-годишен сопруг е еден од пациентите.

Поддршка за здружението „Храбро срце“, со цел подигнување на свеста за органодарителство во Република Македонија, пристигна и од Аднан Фазлагиќ, познат новинар од Босна и Херцеговина.

Споделувањето на овие видеа со сведоштва за животни приказни има за цел да допре гласот за овие лица до секој од нас.

– Ако, не дај Боже, се најде некој во ситуација да изгуби свој близок на скопските клиники, и биде прашан дали може да се донираат органите, да се согласи. За жал, ова сѐ уште е табу тема кај нас, а единствен начин да се спасат овие пациенти е токму од починат донор, конкретно зборувам за срце. Можност за странство нема, затоа што не се државјани на тие земји. Мора дома да се изврши таа операција, а за таа цел е потребно подигнување на свеста за органодарителство, додава Ралева-Најдевска. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива видео: НЗ „Храбро срце“

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука