Охрид, 13. јануари 2025 (ОХРИДПРЕС) – Во популарната Facebook група Муабети од Охрид и околината, од 2020 година, кога е отворена, секојдневно се споделуваат прекрасни приказни за Охрид и околината, вистински спомени од едно минато време, некогашниот начин на живот, но и спомени за луѓе и настани кои оставиле сериозен печат во времето.
Со одобрение од администраторот, на OhridPress ќе споделуваме дел од најубавите приказни, се’ во насока да не се заборават најубавите спомени и настани од најубавиот град. Истите ќе бидат споделувани автентично, најчесто на охридски дијалект.
Ко вечерва се береја нашите стари да ја чекет Стара Нова Година или вечер спроти Свети Василиј. Обично мајките од дома спремаја нешчо и се носеше к’ј домакините во чија куќа таја година се чекаше празникот. М’жите играја карти, а обично на овај ден ја играја т.н. купчина.
Како се играше: Сите карти се делеја на четворица играчи и картите се вртеја нопаку. Најгорната карта се отвораше и тој шо ја имаше најголемата карта земаше од другите то шо беја договорени . Се играше по орај или бајами како шо беја договорени. Играта завршвеше ко ќе се отвореја сите карти.
На самиот ден обично за ручек се бараше парата во топејнца. Како се праеше топејнца, ево два рецепти кои се спомнати овде:
Едниов рецепт е од Оли Ристеска:
1,5 литри вода, 3 лајци масло, две лајци шекер и низ прсти сол. Се клават да вријат и се тргат настрана. Се туриват помалку од 1 кг брашно и полојна прашак за пециво. Се мешат со миксер. Се делит на 3 или 5 лопчина и дури е топло се месит со брашно (посоп). Се клавет едно на едно лопчината, а меѓу нив се мачкат свинска мас или масло (болук). Се печит еден сат.
Ево ушче еден рецепт од Фимче Шокева:
1 литар вода со малку сол да зовријат и полека се додават околу 800 грама брашно, се мешат да не се прает грутчина.(сето ова се прајт на рингла). Се остават малку да се оладит. На маса се клават малку масло и се месит. Сакат долго да се месит со додавајне масло за да не се лепит на масата. Со самото месејне тестото добиват блажина. Се клават во подмачкан плех, се прскат со масло или стопена свинска мас и се печит. Се дробит на поситни парчина и во тенџере со капак се пржит дури да се изронит.
Сигурно некои од вас имет и друг рецепт. Кажите ги, да ги научет сите. Ми се чинит вака се прајт само во Охрид. Во Битола прает и го викет мазник, ама тој мазник не е како охридскиов, туку е нешчо слично како нашиов комад. Ај Стружанки и жени од други градој во групава кажите како се праеше к’ј вас.
Замногодини и честит празник.
објавил Ѓорги Љатко
Објавите во Facebook групата Муабети од Охрид и околината можете да ги следите ОВДЕ. (Крај)
извор: ОхридПрес/Муабети од Охрид и околината фото: Ljupco Markoski/Охрид Слики од минатото