Се разгледува можноста за воведување и на сезонска авио линија Прага-Охрид
јануари 14, 2025

Скопје/Охрид, 14. јануари 2025 (ОХРИДПРЕС) – Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, одржа средба со амбасадорот на Чешка во Македонија, Јарослав Лудва, придружуван од раководителот на економско-конзуларниот оддел, Кветослав Сулек.

На средбата освен што се разговараше за можностите за проширување на соработката во областа на енергетиката, беа договорени и конкретни активности за реализација на две иницијативи на министерката Божиновска: За одржување на заедничка седница на министри од двете земји од повеќе ресори, а со цел за унапредување на билатералните односи, како и иницијативата за воведување директна линија Скопје-Прага.

Министерката и амбасадорот информираа дека се разгледува и можноста за воведување и на сезонска линија Прага-Охрид, со цел стимулирање на туристичките врски и промоција на Охрид како дестинација од интерес за чешките туристи.

Оваа средба претставува значаен чекор напред во градењето на силни билатерални односи и отворање нови перспективи за соработка меѓу Чешка и Република Македонија, што е од интерес за граѓаните и економиите на двете земји. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука