Охрид, 15. јануари 2025 (ОХРИДПРЕС) – Благодарам на сите коментари. Денес поднесов оставка, сепак се работи за моето гледиште, против гледиштето на установата. Добив и повик којшто не звучеше како начин да се најде решение, па така, за општо добро и без непотребна лоша енергија, сметам дека мојот потег е неопходен.
Ова е разрешницата, по денешната објава на неговиот профил на Facebook, со која нашиот врвен музичар, охридскиот гитарист Дамјан Пејчиноски, предизвика бројни коментари и поддршка од колегите музичари, но и од целокупната јавност.
– Колку и да се радувам за секој мој ангажман надвор од Македонија, толку и знам дека е трн во очи на многумина. Нема да помине неказнето, како што моето матично средно музичко училиште во кое што предавам гитара од 2009-та на неопределено време реши да направи – да ми ја намали платата на 10 илјади денари месечно од септември 2024, откри Пејчиноски.
– Иако постојат многу вработени кои што земаат плата воопшто недоаѓајќи на работа, сепак, поради намалениот мој фонд на часови и недоволниот број на ученици по гитара (кој според училиштето е моја вина), претпоставените одлучија дека јас треба да сум жртвеното јагне кое треба да најде начин да го преживее месецот со плата дупло помала од државниот минималец. Сепак ова ме инспирира, да работам, да свирам повеќе и интелектуално да напредувам. Не сакам да се жалам, туку сакам да го споделам овој пост за сите оние ентузијасти кои избираат да се артисти и уметници наместо музички работници. Бидете спремни дека вашиот избор нема да ви донесе финансиска стабилност, ниту пак социјален статус, а не очекувајте ни дека ке ви подадат рака за тоа што го правите, порачува Пејчиноски. (Крај)
извор: FB Damjan Pejcinoski фото: архива