Охрид, 16. јануари 2025 (ОХРИДПРЕС) – По повод празнувањето на големиот празник Богојавление – Водици, во сабота 18-ти јануари во храмот „Свети Никола Геракомија” ќе биде отслужена Утрена богослужба и Голем Богојавленски водосвет со почеток во 07:30 часот.
На денот на празникот, во недела, богослужби ќе има во сите парохиски цркви во Охрид, во стариот дел од градот, „Св.Никола Геракомија“, „Успение на Пресвета Богородица – Каменско“, „Св.вмч.Георги Горна Влашка Мала“, „Св. Никола Долна Влашка Мала“.
Со Светата Архиерејска Литургија во црквата „Успение на Пресвета Богородица – Каменско“ ќе чиноначалствува Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г Стефан. Во 07:00 часот ќе биде отслужена Утрена богослужба, во 08:15 часот Литургија, а во 09:45 Литијата ќе тргне кон градското пристаниште.
Светиот крст во водите на Охридското Езеро ќе биде положен во 10:00 часот, а годинава за првпат чинот ќе го изведе Архиепископот г.г Стефан.
Истиот ден, од 12:00 часот на месноста Сараиште ќе биде организирано групно крштевање во осветените езерски води.
Инаку, во сите парохиски цркви во Охрид тече пријавувањето на капачите кои сакаат да бидат дел од најмасовната културно-верска манифестација кај нас Богојавление Водици. Досега се пријавени над 800 капачи, а покрај од Охрид ги има и од другите македонски градови. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес