Во Струга ќе се менува азбестцементната водоводна мрежа
јануари 17, 2025

Струга, 17. јануари 2025 (ОХРИДПРЕС) – Во рамки на проектот „Подобрување на водната инфраструктура на општините во Македонија“, обезбедени од Европската инвестициска банка и Владата на Република Македонија, а кои ќе се доделуваат преку Министерството за животна средина и просторно планирање, како неповратни средства на општините склучен е договор за „Замена на азбестцементната водоводна мрежа во град Струга“.

Договорот е склучен помеѓу Министерството за животна средина и просторно планиарање и избраниот изведувач „Марковски К73 ДООЕЛ“ од Струга. Замената на азбестцементната водоводна мрежа во градот, согласно договорот, ќе се одвива во следните 18 месеци, со што жителите на градот Струга ќе добијат поквалитетно водоснабдување, а со замената на азбестцементните водоводни цевки со нови високо квалитетни цевки во голема мера ќе се придонесе за подобрување на квалитетот на водата, заштита на животната средина и ќе се намалат загубите на вода. Висината на инвестицијата е 76 милиони денари.

Со овие дополнителни 50 милиони евра на 100-те милиони евра предходно распределени од Владата, се оди чекор понапред во зајакнувањето и подобрувањето на условите за живот на сите граѓани на нашата држава, без исклучок, бидејќи средствата се достапни за сите општини во државата без исклучок.

Степенот на реализација на овие средства е приближно 20 отсто од вкупната сума и согласно одобрената проектната документација и документацијата за набавка за реализација на проектите испратени од општините, а одобрени од Проектната единица за реализација на МЖСПП, се очекува забрзување на динамиката на имплементација во наредниот период. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука