Охрид, 12. февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Новата театарска сезона во Охрид започнува со премиерното прикажување на претставата „Свињарот“ според текст од Ханс Кристијан Андерсен, а во режија на Ѓорѓи Ризески.
Претставата е наменета за деца и младинци. Премиерата на овој нов 45-минутен театарски производ е закажана за в недела, 15-ти февруари, со почеток во 12:00 часот. Во неа играат новопримените актери во Народниот театар во Охрид, Филип Кипровски, Елизабета Стефановска, но и Сашо Ристовски и Билјана Билаловиќ.
Според режисерот Ризески, станува збор за љубовта , која како што рече, не кореспондира исто во светот на бајките и во светот на реалноста.
– Ова ќе биде едукативна претстава за децата и младите која ќе им даде до знаење каква е всушност љубовта во светот на возрасните, дека за да се случи, таа треба да биде возвратена од двете страни. Имаме еден принц кој со најсилна љубов и најискрени чувства тргнува во соседното царство за да ја запроси принцезата. Сите очекуваме да случи еден хепиенд, но принцезата е свртена кон материјалните работи, и не завршуваат на крајот двајцата заедно, истакна Ризески на денешната прес-конференција.
Актерот Филип Кипровски кому ова му е прв драмски ангажман во Охридскиот театар смета дека не треба да се потценува оваа претстава затоа што е детска, бидејќи како што појасни, има е една особена нота важна за детската и младинската публика.
– Треба да ги едуцираме децата на квалитетни претстави за нив. Да не ги навикнеме на нешто друго, зашто понатаму ќе се крене и самото ниво на она што тие ќе го бараат кога ќе доаѓаат во театарот, рече Кипровски.
Средствата коишто ќе се соберат од продадените билети, Народниот театар ќе ги донира за потребите на населението кое настрада во поплавените региони во Македонија.
Инаку, овој театарски анасмбл, во новата сезона, на репертоарот ќе ги постави претставите „Детектор за лаги“ и на „Дното“, а во меѓувреме ја подготвува и „Вечера за глупаци“ во режија на Ирена Стерјоска.
– Очекуваме и ќе притискаме, театарската претстава „Вечера за глупаци“ да биде премиерно прикажана на 27-ми март кога се одбележува Светскиот ден на театарот, најави директорот на Народниот театар Горан Стојаноски.
Инаку, од 1. март годинава започнува со работа и детското младинско драмско студио што ќе функционира во рамките на оваа национална установа. Пријавувањето на заинтересираните ќе се одвива во текот на овој месец. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес