февруари 13, 2015

Скопје, 13. февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – На свечената церемонија, вчера претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов на амбасадорот Џес Бејли му посака успешно извршување на дипломатските должности во земјата, истакнувајќи дека Република Македонија во континуитет придава исклучителна важност на развојот и унапредување на севкупните односи со САД, кои ги поврзува заемната посветеност кон почитувањето на универзалните вредности за мир, слобода, демократија и безбедност во регионални и светски рамки.

Амбасадорот на САД, Бејли, истакна дека Македонија и САД имаат многу заеднички нешта, како што се разновидна популација со различни етнички групи, религии и традиции, кои ги зајакнуваат и ги збогатуваат двете земји, додавајќи дека ние сме партнери и сојузници во секој поглед.

– Со нетрпение очекувам да работам со Вас, со Владата и со народот на Македонија, со цел да продолжи оваа традиција на партнерство. Повеќе од 20 години, минувајќи и низ тешки времиња, работевме заедно и постигнавме многу во реализацијата на заедничките цели, особено за изградба на Европа, обединета, слободна во мир, и со Македонија целосно интегрирана во НАТО и во ЕУ. Оваа работа се темели на нашата заедничка посветеност кон придржување на демократијата, индивидуалните слободи и владеење на правото. Како што односите меѓу нашите земји растат и се развиваат, така нашите заеднички вредности потврдуваат дека ние и понатаму ќе останеме блиски, истакна во говорот амбасадорот Бејли.

Претседателот Иванов, го нагласи значењето на поддршката и ангажманот од Соединетите Американски Држави како стратегиски партнери во реализација на нашите надворешно политички цели и приоритети – интеграцијата во евроатлантските структури, добрососедските односи и регионалната соработка.

– Дозволете ми да упатам изрази на искрена благодарност за континуираната поддршка за зачленувањето на Република Македонија во НАТО и во Европската унија. Непринципиелните блокади, спротивни на меѓународното право, кои се пречка за нашите интеграции, кои создаваат и проблеми во нашето општество, воопшто не нè обесхрабруваат. За нас никогаш не било прашањето дали, туку кога, ќе ги реализираме нашите цели. Членството на Република Македонија во НАТО и интеграцијата во ЕУ има огромна кохезивна моќ во нашето општество. Тоа, убеден сум, не е придобивка само за нас, недвосмислено тоа позитивно ќе влијае и на стабилноста и просперитетот на нашиот регион, рече претседателот Иванов.

Двајцата соговорници изразија задоволство од традиционално пријателските односи меѓу двете држави кои се засноваат на партнерство, доверба, меѓусебно разбирање и поддршка, за што сведочи и Декларацијата за стратегиско партнерство и соработка. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука