Охрид, 13. февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Охридскиот историчар и архивист Никола Митровиќ – Бабе, ќе биде дел од историската фела која ќе снима документарни филмови за историјата на Македонија.
Документарците ќе се снимаат од различни продукциски куќи и опфаќаат различни тематики, настани, личности од македонската историја.
Митровиќ вели дека е особена чест и задоволство, а пред сé, привилегија, да се биде дел макар од еден документарен филм за македонската историја, а ако се согледа досега, ова е веќе трет документарен филм на кој ќе учествува.
– Тоа останува за навек и тоа се дела на кои особено сум горд, застанувајќи рамо до рамо со најголемите еминетни историчари во Македонија, а дел од нив се и целосно автори на содржината на документарните филмови. Иако работата со архивистиката и стари документи кои бараат дешифрирање и одгатнување на нивната содржина не е толку јавна и достапна до јавноста, сепак, тоа е нешто што се вреднува во историската област, вели Митровиќ.
Тој се надева дека многу набрзо ќе се започне и со снимање на серијал историски документарни филмови за градот Охрид со што ќе се оствари неговата желба и должност која ја чувствува кон својот град. Документарниот филм на кој ќе учествува, започнува со снимање наредната недела во Скопје. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес