Охрид, 14. февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Свети Трифун е христијански светец, кој православната црква го чествува на 14 февруари (1 февруари).
Денеска неговиот ден се празнува од страна на лозарите и градинарите.
Роден е во малоазиската област Фригија во Мала Азија. Според христијанските верувања, уште од рано детство во него се пројавила необична Божја благодат со покажување на дар на чудотворство. Тој на изненадување на своите современици имал моќ над болните. Посебно душевно заболените по погледот на младиот Трифун биле излекувани. Некоја необична исцелителна сила зрачела од неговиот поглед.
Меѓу многубројните негови чуда кои што ги вршел, се споменува и исцелувањето на ќерката на римскиот император Гордијан. Тој имал необично убава ќерка и поради нејзината убавина многу кнезови ја проселе за своите синови. Но се случило несреќа да оваа убава принцеза душевно се разболи. При страшните настапи на болеста таа многу пати сакала да се фрли во оган или вода. Ниеден лекар не можел да и помогне и да ја излечи. На девојката и е откриено дека единствено може да ја излечи “детето Трифун”.
Дознавајќи царот за необичната моќ на фригиското момче Трифун го повикал да ја спаси неговата ќерка. Царските слуги после долго барање во Фригија го нашле момчето покрај езеро како чува гуски. Затоа тој често на иконите се слика опкружен со гуски. Тогаш тие го повеле во Рим и веднаш ја излекувал. По излекувањето настапила неописива радост во дворот. Царот богато го наградил Свети Трифун, но тој не го задржал добиеното богатство туку веднаш го разделил на сиромашните и бедните, и самиот живеел скромно во своето родно место; да прави добри дела и да им помага на болните и немоќните. Но по смртта на царот Гордијан, кој бил трпелив спрема христијаните, дошол крволочниот цар Дециј Трајан кој наредил да се прогонуваат христијаните. Сите оние кои не сакале да се одречат, ги фаќале, ги мачеле и убивале.
Светиот маченик не сакал да бега во пустината и пошол кај управникот на покраината Акилин. Тој му наредил да им се поклони на боговите, во спротивно ќе биде подложен на најстрашни маки. Свети Трифун ја одбил неговата наредба по кое следувало неговото мачење. Кога виделе дека ни мачењата не помагаат решиле да го посечат со меч. Но мачителот претходно наредил да го врзат за еден коњ и така вржан бос да го поведат во планината. Од силниот мраз и студ почнале да ну отпаѓаат меса и прсти од нозете, но тој тоа го трпел без збор и наместо протест од усните на овој маченик се слушнала молитвата за гонителите: “Господи не им го пишувај ова за грев”.
Христијаните од ова место го зеле телото на маченикот и го пренеле во неговото родно место. Еден дел од светите мошти денес се наоѓаат во Москва во храмот посветен на Светиот маченик Трифун. Православната Црква го слави како исцелител, кој се удостоил на маченичкиот венец. (Крај)
извор: ОхридПрес/МПЦ фото: архива