Охрид, 15. февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Охриѓани денес ќе собираат помош за студентите кои ги „окупираа“ факултетите и прогласија автономна зона.
– Сите што сакаат да донираат парична поддршка за Автономната Зона на УКИМ (потребна за купување храна, вода итн.) да дојдат во недела во 13:00 часот во дворот на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид и да донираат своеволна сума од над 100 денари, информираат организаторите.
По просториите во кои се наоѓаат Филолошкиот и Филозофскиот факултет, студентите продолжуваат со своите активности. Во автономната зона што ја прогласија велат дека секој момент им е исполнет со проекции на филмови, театарски претстави или дебати.
Министерството за образование соопшти дека продолжувал дијалогот меѓу Владата и претставниците на академската заедница, а од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ информираа и дека формирале работна група која треба да учествува во дебатата за подобрување на пакетот реформи.
Од Студентскиот пленум во автономната зона на Филолошки факултет вчера упатија апел до граѓаните:
Драги пленумци, студенти, родители, хумани граѓани, ние од Студентскиот Пленум првенствено сакаме да ви се заблагодариме за досегашните донации, навистина ни помогнавте.
Бидејќи е веќе четврти ден залихите полека ни истекуваат и би ве замолиле доколку можете и колку можете да ни помогнете да ја издржиме оваа битка до крај, а за тоа би ни било потребно:
– Зеленчук
– Млечни производи
– Зејтин
– Маргарин
– Леб
– Кафе
– Вода
– Пластични чаши
– Тоалетна хартија (Крај)
извор: ОхридПрес фото: Ванчо Џамбаски