февруари 16, 2015

Струга, 16. февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Романот кој во последниот период е меѓу најпопуларните наслови на книги меѓу македонската читателска публика, е достапен и во библиотеката при Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ од Струга.

За романот на авторката Јелена Бачиќ Алимпиќ, се вели дека ги освоил срцата на читателите на целиот Балкан.

„Трагедијата на животот не е смртта туку сето она што умрело во нас додека сме живееле. Виктор го сакав како што се сака еднаш во животот. Безумно. Мојата младост не беше причина за тоа љубовно дивјаштво, напротив. Тој беше тишината на мојата вселена, светлината на душата во темни времиња. Без него ниеден ден од мојот живот не беше облеан од сонце, без неговите чекори улиците не ме потсетуваа дека порано биле цветни полјани. Имав очи што сакаа да го видат само неговото лице, уши што можеа да го слушнат само неговиот глас и раце што сакаа да го допираат само неговото тело“, извадок од романот.

Српската авторка и водителка Јелена Бачиќ Алимпиќ минатото лето во Охрид ја промовираше токму оваа книга „Последната пролет во Париз“.

– Во Македонија ме изненади заинтересираноста на луѓето за моите романи. Таквите средби покажуваат дека ние луѓето од земјите од поранешните ју простори, сме со ист сензибилитет. Многу ја сакам Македонија, изјави при последната посета во Охрид Бачиќ Алимпиќ. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука